Thursday, December 28, 2023

Место за растење: Општини посветени на децата

 На 25 и 26 декември 2023 беше одржана дводневна обука во организација на Првата детска амбасада ,,Меѓаши" и  Центарот за семејно и детско згрижување (КМОП). Оваа обука беше продолжение на првата средба која беше со цел подигање на свеста и креирање на општини посветени на децата. Крајната цел е формирање на платформа која ќе ги унапреди детските права и ќе обезбеди поголемо детско учество. Беа поканети наставници, стручни соработници од училиштата на територија на општина Кисела Вода како и претставници од општината заеднички да дискутираат и изнајдат решенија како општината да стане подобро место за раст на најмладите. На обуката и претходеа работилници со учениците од сите училишта учесници, каде се слушнаа потребите и замислите на учениците за создавање на места за растење. 

На учениците им беше важно да растат во сигурна, безбедна и чиста околина, со квалитетни институции, училишта и места за рекреација и поттикнување на креативността и талентот.

Посебно акцент на обуката се стави на врсничкото насилство со неговите разни варијации, начините за справување и техники и упатства кои секако им се од голема помош на наставниците и стручните соработници. 

Претставници од нашето училиште беа Валентина Терзиева, наставник по ТО и информатика и одговорна за Ученичкиот парламент во училиштето, и Наташа Старделова, библиотекар. 

,,Пламен и непокор"- промоција на книга

 Денес, 15.12.2023 год. во Порта Македонија беше одржана промоцијата на втората музејска сликовница насловена ,,Пламен и непокор", на авторките Ана Вишинова и Даниела Митевска. Ова е втора сликовница од ваков вид во издание на Музејот за македонската борба за самостојност, по првата од 2019 година ,,Зад големата мисла". Ова издание го покрива периодот на Илинденското востание и веруваме ќе претставува значајно наставно помагало во образовниот процес на часовите по историја.

Од нашето училиште претставници беа наставничката по македонски јазик м-р Валентина Трајкоска и библиотекарката Наташа Старделова и ученичките Мила Цветковска, Мила Станкоска и Јована Јовановска. 

Очекуваме и ова издание, како првото, да наиде на голем одзив и да се користи во секојдневниот образовен процес, а примероците на двете сликовници веќе ги красат полиците на нашата библиотека.

На промоцијата со своја музичка нумера се претставија и Симона Трајкоска, на гитара и цитера, и Оља Алексовска, вокал. 

,,Цветиновата награда за мир"

  Денес, 15.12.2023 во просториите на Кинотека на Македонија беше доделена востановената ,,Цветиновата награда за мир" на нашето училиште од страна на познатиот уметник и амбасадор на мирот Живко Поповски- Цветин. Петте златни ружи, симболот на мирот на петте континенти, беа свечено врачени на претставниците од нашето училиште Јована Јовановска 5-1, Мила Цветковска 5-2, Мила Станкоска 4-1 и Марко Јаввхар 1-2 одделение кои за возврат му подарија и свои ликовни и литературни творби на саканиот уметник. 

Во чест на  долгогодишната и плодна соработка со авторот, оваа година, од Општина Кисела Вода наградени се: ООУ ,,Круме Кепески", ООУ ,,Св. Климент Охридски", ООУ ,,Невена Георгиева - Дуња", ЈДГ ,,Весели Цветови" и СЕПУГС ,,Васил Антевски- Дрен". 

Ценетиот уметник подари монографија за неговиот живот и дело со која ќе биде збогатена и училишната библиотека, а секако и секој од нас присутните понесе по едно дело ,,Цвеќе на мирот", но најважно од сè понесовме позитивна мисла и верба дека еден ден мирот ќе завладее насекаде во светов. 

Враќање на корените и прошетка низ училишните клупи

 Благодарност до професорот Велко Тодевски, кој денес ја посети училишната библиотека и ја подари книгата напишана за него „Велко Тодевски Уметност и педагогија на контрабас" од Нора Бајрами. Прекрасно е чувството кога искусни и докажани професионалци се враќаат на корените и се навраќаат на спомените од училишните клупи, за што запис има и во книгата. Првата учителка засекогаш остава трага, дури и ако тоа било во далечните 1950ти години. Се надеваме на понатамошна соработка и споделување на богатото животно искуство.

„Мојот звук“

 Денес, 23.11.2023,  беше одржан час по лектира од страна на библиотекарката Наташа Старделова, во 7-2 одделение. Беше претставена изборната лектира „Мојот звук“, безвременска приказна за млади напишана од Оливера Николова уште далечната 1977 година. 

Учениците се заинтересираа за згодите и незгодите на младиот Панче и неговите „панчеватции“, и веднаш по часот ја позајмија книгата од библиотеката. 

Средба - интервју со детски автор по повод затворањето на Месецот на книгата

 Денес, 16.11.2023 во 16 часот се одржа книжевна средба - интервју со познатата авторка на детски книги и книги за возрасни Татјана Гогоска, каде се запознавме со нејзините дела и позборувавме на тема „Детето и книгата“ и дознавме за важноста на книгата и читањето во раниот детски развој. 

....Дали знаевте дека Татјана Гогоска со нашето училиште има соработувано уште во далечната 1994 година, кога за јубилејниот Патронен празник на сцена беше изведена нејзината драма за деца „Климентово училиште“...

....Дали знаевте дека авторката е сценарист на над 300 ТВ сценарија за различни телевизиски емисии, меѓу кои и култните „Во светот на бајките“, „Дајте музика“, „Големи и мали“, Светот има осум страни “, „Умни глави“, „Сезаме отвори се“, “Чирибу-Чириба“, “Ние сме нај“...

....Дали знаете дека Татјана Гогоска во 2016 година ја доби Државната награда за најдобар драмски текст, за драмата за деца „Најденко во магичниот круг“...

Сето ова и многу повеќе го дознавме на нашата средба во нашето училиште по повод затворањето на Месецот на книгата, кој беше одбележан со бројни конкурси и награди за најдобрите творби, награди од конкурсите „Жуборењата на Радика“, „Читам книга секој ден“- во организација на библиотеката од Пробиштип и Милица Паулус, „Мирисот на книгата“во организација на библиотеката од Штип и Милица Паулус, „Културно наследство“ во организација на книго-издавачката куќа „Феникс“. 

Исто така, овој месец беше набавено и ново лектирно издание кое досега го немаше во голем број во нашата библиотека.

,,Шемов и јас"

  ,,Децата помнат многу од она што го доживуваат во детството и тоа влијае во голема мера врз односот кон себе и кон другите. Посетата на галеријата и создавањето уметност е едно од таквите сеќавања. Убаво е чувството кога знаеме дека креираме весели спомени за нив."- напиша во каталогот на изложбата ,,Шемов и јас" Маја Димитрова - едукатор во Даут пашиниот амам. 

Токму такви чувства побуди овој проект на галеријата. Учесници од нашето училиште беа Сара Стојановска, Софија Ацевска, Ангела Трпевска и Теодора Томческа од 9-1 одделение, под водство на наставничката Валентина Терзиева и со поддршка од библиотекарката Наташа Старделова. Пред еден месец беше работилницата, а денес на 10.11.2023 година беше свеченото отворање на изложбата со  нивните дела. Навистина прекрасно доживување. 

Повеќе за работилницата прочитајте тука https://nas-zbor.blogspot.com/2023/10/blog-post_65.html?m=1


Читател на месецот ноември

 Овој месец го наградуваме Антонио Боневски од 6-1 одделение. Тој беше вториот кој ја прочита трилогијата „Белото циганче“, и со тоа се закити со Диплома за читател на месецот ноември. 


Од идеја до книга

   Денес, на 4.11.2024 година, во библиотеката на ООУ ,,Невена Георгиева -Дуња"  се одржа литературна работилница, како активност по по...